ПО НЕКОЛКУДНЕВНИТЕ ПРЕГОВАРАЊА
Александар, сепак, ќе пее песна од Копров
Популарниот пејач Александар Белов на Изборот на песна за Евровизија, најверојатно, ќе ја отпее темата „Застани, солзи избриши“. Григор Копров е композитор и автор на стиховите, а Владимир Дојчиновски го направи аранжманот за оваа песна, која е во брз ритам. Копров ја направил композицијата за Белов по нарачка на Марина Туцаковиќ, уште додека таа беше во улога на членка на жирито на „Операција триумф“ и побарала од него да напише песна за младата ѕвезда во подем. Иако прво беше решено Белов да настапи со „Ти пеам песна“ на авторот Кире Костов и на текстописецот Миодраг Врчаковски, менаџерот Драган Пешиќ-Пеле, кој ја откупил песната од авторите, завчера, дефинитивно, ја повлекол од листата на фестивалот, кој ќе се одржи на 18, 19 и на 20 февруари. Пешиќ не успеал да се договори со „Емоушн“ да му биде надоместено што претходно ја откупил песната од авторите. - Многу ми е жал што не успеавме да постигнеме договор меѓу мене, како директор на агенцијата „Балканс артс“ и, во случајов, и сопственик на песната „Ти пеам песна“, и продукцијата „Емоушн“ од Белград, која стои зад Александар како учесник на „Операција триумф“. Миленикот на македонската публика, младиот Александар Белов, нема да ја пее наведената песна на Изборот на песна за Евровизија. Оваа изјава ја давам пред јавноста за да се избегнат сите можни шпекулации, кои би влијаеле врз настапот на Александар на претстојниот натпревар, со најдобри желби за успех и за победа на престижниот фестивал, на кој Белов ќе учествува, но со друга песна - изјави Драган Пешиќ.
Александар, пак, познат како постојан фаворит на публиката на „Операција триумф“, е прилично скромен во врска со своите очекувања. Негова голема желба отсекогаш било да се појави на овој фестивал и пред македонската публика да се покаже во најдобро светло. Во врска со евентуалната победа, тој вели: - И во „Операција триумф“ бев фаворит, па не победив. Не сакам да се оптоварувам со тоа. Иако, навистина, би било убаво ние неколкумина од „Операција триумф“ да одиме во Москва, да изнајмиме куќа и да живееме заедно и таму - вели пејачот алудирајќи на можноста и неговите колеги од куќата да победат на националните избори на кои ќе учествуваат во Србија и во Хрватска.
Тој неколку дена престојуваше во Белград каде што снимаше песна за првата компилација на студентите на „Операција триумф“.
Во врска со споредбите со Тоше Проески, Белов за српскиот весник „Блиц“ истакна дека е среќен што во Македонија го препознаваат само како Александар Белов, а не како копија на Тоше, и нагласува дека го познавал Тоше, кој, според него, е еден единствен и незаменлив. - Секако дека сакам да го постигнам тоа што го постигна Тоше, но никој не може да го замени. Можам да одам по неговиот пат, но тој ќе остане единствен човек што успеа да го обедини цел Балкан. Тоше е незаменлив. Го почитувам, ја слушам неговата музика, никој не може да биде како него. Го запознав преку пријател на татко ми. Тој дојде во Неготино и ми беше многу мило што го запознав. Тогаш не се занимавав со музика. Се слушнавме неколкупати по телефон, тој ми оставаше карти за концерти. Пред почетокот на „Операција триумф“ собрав храброст со семејството да одам на неговиот гроб. Тоа е судбина и морам да прифатам дека повеќе го нема - рече Александар.
www.vreme.com.mk